Дрин Ахмети нема да одговара кривично за превезувањето на пиротехничките средства. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) информираа дека против него ќе биде поведена прекшочна постапка. Оттаму појаснуваат дека тој со себе носел седум петарди и 15 кутии со ракети за огномет, а за таква количина не се налага кривична одговорност, туку поведување на прекршочна постапка.
„Предметниот пиротехнички материјал кој бил пронајден и одземен не е од поголемо количество кое може да иницира кривичен прогон и евентуална кривична одговорност, а во прилог на тоа говори и фактот што Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за настанот достави известување, а не кривична пријава до обвинителството“, појаснуваат од ОЈО.
За случајот, издадена е Наредба до МВР-Биро за јавна безбедност-СВР Скопје со која Обвинителството побара поведување на прекршочна постапка против Ахмети согласно одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи.
„За набавката на огнометот, Ахмети поседувал фактура од правно лице чија што дејност е продажба на пиротехнички средства, а за изведба на огнометот било ангажирано друго правно лице. Тој сепак не поседувал одобрение за пренос на пиротехничките средства како што налага Законот - нешто што претставува прекршок и за кои е предвидено да се води прекршочна постапка од страна на комисија во Министерството за внатрешни работи“, велат од Обвинителството.
Дрин Ахмети е внук на претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тој беше фатен со пиротехничките средства во неговиот автомобил за време на полициска контрола на 30 декември 2023 година. Неколку месеци претходно јавноста го запозна како косопственик на Трговскиот центар „Соравија“.
Покрај купувањето на Соравија преку компанијата „Тор индустрис“ , Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.