По вонредниот инспекциски надзор на Детската клиника откако почина седуммесечно бебе, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) предлага Министерството за здравство да покрене постапка за стручен надзор над лекувањето на бебето.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор констатирано е дека на Детската клиника се уште не е решен проблемот со задолжителното присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што се води прекршочна постапка, како и дека медицинската документација се креира од страна на доктори кои не се присутни на работа за што од страна на ДСЗИ е издадено решение чии рокови течат.
„ДСЗИ констира дека седуммесечното бебе првпат во ЈЗУ УК за детски болести - Скопје било донесено на ден 9 декември 2024 година заради висока температура и осип по целото тело од пред една недела. Првично, детето е прегледано од страна на специјализанти, во консултација со доктор специјалист и упатено е на дополнителни испитувања на Инфективна клиника, Клиника за дерматовенерологија и во Биохемиска лабораторија при Детска клиника. По добиените резултати и препишаната терапија, испратено е на домашно лекување со насока за контрола кај матичен лекар и по потреба на Детска клиника“, појаснуваат од ДСЗИ.
На 11 декември, во вечерните часови, детето повторно било донесено на Клиниката и заради влошената клиничка слика, тоа било хоспитализирано на Одделот за неврологија. Креирани му биле упати за повеќе испитувања, а на 13 декември заради натамошно влошување на здравствената состојба, бебето било префрлено на Одделот за интензивна нега и терапија.
„По стабилизирање на состојбата, повторно е вратено на Одделот за неврологија, каде престојувало неколку часа, по што повторно е вратено на ОИНТ, каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања, што укажуваат на тешка општа состојба на детето, што во вечерните часови на ден 15 декември 2024 година, завршува со смрт“, додаваат од Инспекторатот.
Од ДСЗИ информираат дека ќе биде издадено решение со наредба за почитување на одредбите од член 226 од Законот за здравствената заштита за прием на пациенти прегледани како итни случаи. Како што додаваат, доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и дека нема лекарска грешка.
Тој тврдеше дека се работи за неоснован притисок врз Клиниката и здравствениот персонал во оваа институција.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.