Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.
Јавното обвинителство на 17 декември соопшти дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да распише потерница по овие две лица на кои Основноот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.
Двете лица се недостапни за органите на прогонот.
Груби во неделата преку објава на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и дека за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување. Тој беше ставен на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.
За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“. За екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.
Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, осомничени се повеќе лица, меѓу кои поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници.
Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.