Една од највлијателните профили на платформата на Х, која шири дезинформации за имигрантите во Европа, смислила лажни личности и компании за да ги прикријат нивните операции, кои барем делумно се водени од можноста за финансиска добивка, покажа истражувањето на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Анонимниот профил „Инвазија во Европа“ (Europe Invasion) собра милијарди реакции искористувајќи го алгоритамот кој дава приоритет на „вклученоста“ пред вистината - и го смени своето име неколку недели откако беше контактиран од РСЕ. Неговиот подем заедно со други слични профили на Х се совпадна со зголемениот изборен успех на крајнодесничарските партии во Европа.
Истрагата на РСЕ која за прв пат именува лица директно поврзани со Инвазија во Европа ги истакнува често матните потекла и мотиви на онлајн дезинформациите кои експертите велат дека се користат за манипулирање со јавното мислење, поттикнување на општествените поделби и нарушување на демократските процеси.
Со постојан ритам на содржини кои ги прикажуваат муслиманските и африканските имигранти како опасност за општеството, профилот создаде повеќе од 600 000 следбеници пред да го промени името на екранот во „Ажурирај вести“ на крајот на ноември.
Во октомври, Инвазија во Европа се пофали дека собрала 1,1 милијарди реакции во текот на претходните три месеци.
РСЕ откри дека турската двојка што живее во Дубаи - Мерт и Белгин Кок биле директно поврзани со овој профил, иако тие негираат каква било вмешаност.
Во септември, шведскиот јавен радиодифузер, СВТ, ја поврза Инвазија во Европа со парот, кој тврдеше дека зад профилот стои надворешна рекламна агенција. СВТ не ги објави нивните имиња.
Набргу потоа, Europe Invasion јавно тврдеше дека нејзиниот „сопственик“ е „Црногорец со српско потекло“ по име „Стефан“ кој сака „да ја направи Европа повторно голема“.
Потоа, на почетокот на октомври, истиот профил објави сега избришана објава со фотографија од човекот за кој сугерираше дека е „Стефан“.
РСЕ користеше софтвер со отворен код за препознавање лице за да го идентификува човекот на фотографијата како турски државјанин кој го познава Мерт Кок и рече дека неговата фотографија била користена без негово знаење. Човекот негираше каква било вмешаност во профилот Инвазија во Европа.
Повеќе докази ги поврзуваат Мерт и Белгин Кок со Инвазија во Европа, вклучително и видео генерирано од вештачка интелигенција раскажано од Белгин Кок кое ги прикажува авганистанските мигранти како опасност за Европа. Профилот го промовираше видеото во март.
Како одговор на прашањата на РСЕ, Мерт Кок тврдеше дека тој и неговата сопруга „не се сопственици“ на профилот за која тврдеше дека го продале на „тим“ кој живее во Црна Гора, а во кој има и други турски државјани. Тој не одговори на барањето да ги даде имињата или контактите на членовите на овој, наводен, тим.
Нејасно е дали создавањето на Инвазија во Европа која ги користи карактеристиките за монетизација на X - било мотивирано само од профит, или исто така и од идеологија.
Профилот содржи и опции за платена претплата и „испрати бакшиш“, како и врска за прибирање средства за, како што тврди Инвазија во Европа планиран канал на YouTube и проширување на неговиот бренд.
„Постојат организирани мрежи кои промовираат дезинформации. Некои од овие организации имаат финансиски стимулации со тоа што заработуваат од промовирање лажни наративи“, изјави за РСЕ Дарел Вест, виш соработник на студии за управување во Институтот Брукингс во Вашингтон.
Инвазија во Европа постојано објавуваше лажни тврдења за наводна вмешаност на имигранти во насилен криминал.
Во октомври, профилот тврдеше дека фаталниот напад врз жена во Британија во јули бил извршен од „двајца сомалиски имигранти“. Тврдењето, всушност, веќе беше отфрлено околу два месеци претходно, откако беше дистрибуирано од други антиимиграциски профили за кои полицијата рече дека шират „опасни дезинформации“. Во случајот за убиство е обвинет 55-годишен маж од англискиот град Ипсвич.
Една од најозлогласените објави на Инвазија во Европа се појави кон крајот на јули, околу два часа откако напаѓачот во англискиот град Саутпорт изврши напад со нож во кој загинаа три деца. Анонимниот профил лажно тврдеше дека осомничениот, „наводно е муслимански имигрант“.
Во рок од два дена, објавата се рашири низ социјалните мрежи на екстремната десница, и собра повеќе од 6 милиони прегледи додека избија насилни антиимиграциски немири ширум Велика Британија.
Напаѓачот, кој беше обвинет за убиство, всушност бил британски државјанин роден од родители од Руанда во Велс. Обвинителите подоцна го обвинија дека се обидел да го произведе токсинот рицин и за поседување на прирачник за обука на Ал Каеда.
Началникот на лондонската полиција рече дека немирите биле „водени од дезинформации“.
Лажната „Алиса“
И Инвазија во Европа и поврзаната сметка наречена Дневни извештаи (Daily Reports) постоеја на платформата X, порано позната како Твитер, повеќе од една деценија и претрпеа повеќекратни промени на имињата со текот на годините, според избришаните податоци од X кои ги прегледа РСЕ.
Двата профили претходно беа објавени прво на турски јазик. Но, тие ја „исчистија“ целата своја историја на објавување на почетокот на 2024 година и почнаа да објавуваат главно антиимигрантска содржина на англиски јазик.
Во март, профилот на X подоцна познат како Инвазија во Европа објави видео кое се состоеше од слики генерирани со вештачка интелигенција на кои се опишани опасностите од авганистанските мигранти во Европа.
„Ако сакаме да ја заштитиме нашата иднина, нашата цивилизација и нашите деца, мора да кажеме „стоп“ на оваа инвазија“, вели наратор од екранот на силно акцентиран англиски јазик.
Во последователна објава, профилот сподели врска до сега веќе непостоечкиот канал на YouTube наречен „West To Dubai“, кој се фокусираше на искуството од живеење во арапската држава од Персискиот залив. Инвазија во Европа им кажува на своите следбеници дека каналот прикажува видеа направени од „универзитетска студентка“ по име Алиса за „европската имигрантска инвазија“.
Каналот West To Dubai го снема по истрагата Шведската телевизија. Но, пред неговото бришење, беше прикажано видео за животот во Дубаи кое го раскажуваше жена која се идентификува како „Алиса“ и која овој пат беше прикажана на екранот.
Анализата на профилите на социјалните мрежи на РСЕ потврди дека жената од второто видео не се вика Алиса, туку е всушност Белгин Кок, чиј профил на LinkedIn ја наведува како сопственичка на компанија од Дубаи која продава традиционални турски локум.
РСЕ, исто така, користеше два различни алгоритми за препознавање глас за да го спореди гласот на нараторот во видеото споделено од Инвазија во Европа и повеќе видеа во кои Белгин Кок е прикажана како зборува, вклучувајќи го и видеото за животот во Дубаи што таа го водеше на англиски јазик под псевдонимот „Алиса“.
И двата алгоритми покажаа дека гласот на Белгин Кок се совпаѓа со гласот на „Алиса“ во видеото генерирано со вештачка интелигенција кое предупредува за авганистанските мигранти во Европа.
На YouTube каналот на „Alissa“, исто така, беше прикажана сега веќе избришиот профил на X @alissatells, која повторно објавуваше и често комуницираше со Инвазија во Европа.
Стефан и врската со Црна Гора
Контактирани од новинарите на Шведската телевизија, турската двојка со седиште во Дубаи негираше вмешаност во профилот Инвазија во Европа, за која тие тврдеа дека стои рекламна агенција со седиште во Црна Гора. Но, РСЕ не можеше да најде запис за оваа наводна компанија, наводно наречена INV MediaX и управувана од лице по име Стефан.
По истрагата, Инвазија во Европа имаше објава во која тврди дека Стефан е „сопственик на страницата „Europe Invasion“ и дека тој е „Црногорец со српско потекло“ кој сака да ја „заштити европската култура и христијанството“.
Подоцна, објави фотографија од маж со брада и очила како пие капучино, сугерирајќи дека ова е Стефан притоа обезбедувајќи линк до профил на X на наводниот поединец @IamStefanK.
РСЕ контактираше со човекот на фотографијата, кој како Мерт и Белгин Кок има потекло од Измир, третиот по големина град во Турција. Тој негираше каква било вмешаност во Инвазија во Европа, но потврди дека го познава Мерт Кок и дека фотографијата користена во објавата на Инвазија во Европа е негова.
„Да, тоа е мојата фотографија. Тоа е многу стара фотографија. Беше направена пред четири-пет години. Но, првпат слушам од вас за Инвазија во Европа. Немам никаква врска со овој профил“, рече човекот, кој додаде дека е шокиран дека неговата фотографија била користена од овој профил.
Човекот, кого РСЕ не го идентификува по име, рече дека студирал на истиот универзитет со Мерт Кок и го сретнал неодамна пред околу шест недели.
Запрашан за човекот на фотографијата, Кок рече дека не ја познава „личноста за која зборувате“. Тој инсистираше на тоа дека „тие не се сопственици“ на профилот Инвазија во Европа и поврзаниот со него профил „Algorithm Coach“.
„Ние сме муслимани и живееме во муслиманска земја. Не можеме да бидеме сопственици на антимуслимански профил“, напиша тој.
Тој во својот писмен одговор тврдеше дека тој и неговата сопруга го продале на X профилот што го поседуваат наречен Dubaideyiz („Ние сме во Дубаи“, на турски) на наводниот тим во Црна Гора.
Новинарите на РСЕ не најдоа докази дека наводниот црногорски „сопственик“ по име Стефан навистина постои.
Искористување на емоциите
Зголемениот досег на Инвазија во Европа и други прикази кои често ги лажните и расистички наративи за имигрантите, исто така, нагласува како платформата X влијае и ја обликува јавната дискусија за имиграцијата.
Како одговор на е-пошта испратена до тимот за поддршка на X, РСЕ беше упатена до генеричкиот Центар за помош на компанијата, а тој не обезбедува начин медиумските организации да поднесуваат барања за одговор.
Студијата објавена во септември покажа дека содржините против мигрантите се шират за 66 проценти побрзо од про-имиграциската содржина на X.
„Брзината со која таа содржина патува е суперважна. Дури и ако го идентификувате и адресирате говорот на омраза една недела подоцна, тоа навистина не е важно, бидејќи можеби една недела подоцна таа информација веќе не постои, но сеедно бидејќи луѓето веќе дејствувале на неа“, изјави за РСЕ италијанскиот истражувач Андреа Насуто, коавтор на студијата.
Илон Маск, кој го купи X во 2022 година и се позиционираше како шампион во слободата на говорот, исто така беше на удар на критичарите и европските регулатори поради исфрлање на тимот за умерена содржина од X.
Студијата на њујоршката компанија NewsGuard, која ги следи дезинформациите на интернет, покажа дека по купувањето на Маск, профилите на X кои шират дезинформации забележале скок во вклучувањето во содржините.
Анти-имиграциските објави на Инвазија во Европа често предизвикуваат лавина ксенофобични и расистички коментари. Воспалителната содржина се шири нашироко делумно затоа што предизвикува емоционален бес што предизвикува поголем ангажман, вели Натали Ван Раемдонк, белгиска експерта за управување со дигитална платформа и спречување на дезинформации.
„Доколку има елемент на емоционален и морален јазик, тоа ќе добие поголема видливост“, истакнува таа.
Епилог
Кон крајот на ноември, или околу три недели откако РСЕ го контактираше Мерт Кок и електронските адреси поврзани со профилот Инвазија во Европа, овој профил уште еднаш го смени своето име. До објавувањето, беше познат како „Ажурирање вести“ или @UpdateNews724.
Банерот на новиот профил содржи фотографија од Маск.
Функцијата за историско пребарување на X покажува дека првото спомнување на ова ново име дошло не порано од 28 ноември. (Тој истиот ден, беше лансиран различен профил што функционираше под логото на Europe Invasion, ветувајќи „нов почеток“). Моментално профилот има помалку од 300 следбеници.
Како контакт, Update News сега наведува профил за кој се тврди дека е поврзан со дигитална консултантска фирма со седиште во Бостон.
РСЕ контактираше со компанијата, наречена Агенција Х, која одговори дека нема „апсолутно никаква врска со „Ажурирање вести““.
Прашањето на РСЕ до „Ажурирање вести“ преку директна порака на X остана без одговор до објавувањето на текстот.
По промената на името, се чини дека сметката го прошири својот фокус на поопшти светски вести, но набрзина се огласи со објава во која се тврди (без наведување докази) дека „45 проценти од сексуалното насилство“ во Италија минатата година го извршиле имигранти.
Профилот на Илон Маск одговори на таа објава со два извичника, кои Ажурирање вести (Update News) подоцна ги објави со коментар: „Ние сме медиумите сега!“