Вонреден инспекциски надзор денеска (17 декември) врши ДСЗИ на Детската клиника за случајот со починатото седуммесечно бебе, потврди директорот на Инспекторатот во изјава за медиуми, Кирил Лазов.
„Да, во текот на денешниот ден од моја страна беше издаден налог за вонреден инспекциски надзор на Клиниката за детски болести со сознание за починато седумесечно бебе кое по искажување на актуелниот директор било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба, во делот на приемот, во делот на пружање на здравствена заштита, како и евидентирање, ние претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни податоци“, појасни директорот.
Тој рече дека вонредни инспекциски надзори се вршат и на други клиники во рамки на Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.
Вчера почина седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести. Бебето било примено минатата недела поради сериозен синдром кој зафатил повеќе органи, а во меѓувреме тешката здравствена состојба дополнително се влошила.
За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петтгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.