Долгогодишниот сириски лидер Башар ал Асад лично и независно одлучи да поднесе оставка, соопшти на 10 декември Кремљ.
„Повлекувањето од процесот на извршување на должностите на шефот на државата беше лична одлука на Ал Асад“, изјави за руските медиумски агенции портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков одби дополнително да коментира за улогата на Москва по драматичниот крај на режимот на Ал Асад, јавува германската новинска агенција ДПА.
Поранешниот претседател и неговото семејство побегнаа во Русија, каде што добија азил, откако коалицијата на бунтовнички групи ја презеде власта во областите на Сирија кои беа под контрола на Асад.
„Рускиот претседател Владимир Путин, кој долго го поддржуваше Ал Асад, одлучи да го прими семејството. Путин често се состануваше со Ал Асад, но овојпат не е планирана средба, изјави Песков.
Руските власти не открија каде точно се наоѓа Ал Асад.
На 9 декември, Советот за безбедност на ОН одржа состанок зад затворени врати за ситуацијата во Сирија, свикан од Русија, која заедно со Иран беше главен поддржувач на режимот на Асад.
„Советот, мислам, беше повеќе или помалку обединет за потребата од зачувување на територијалниот интегритет и единство на Сирија, да се обезбеди заштита на цивилите, да се осигура дека хуманитарната помош доаѓа до населението кое има потреба“, рече рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја во изјава објавена по средбата.
Во меѓувреме, новите де факто владетели во Дамаск започнаа со напорите да ја стабилизираат ситуацијата.
Бунтовниците, предводени од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), на 9 декември објавија дека даваат амнестија на целиот воен персонал ангажиран за време на владеењето на Асад, кое започна во 2000 година по смртта на неговиот татко, Хафез ал- Асад, кој ја презеде власта во 1970 година.