Скопското обвинителство побара мерка притвор за осомничен за семејно насилство поради опасност од бегство. Во соопштението на Обвинителството е наведено дека е поведена постапка против осомничен за кривично дело- нанесување на телесна повреда. Осомничениот скопјанец на 1 декември во семејниот дом во селото Љубанци, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата поранешна сопруга со која по разводот на бракот продолжиле да живеат во заедничко домаќинство.
„По вербална расправија меѓу двајцата, осомничениот со рацете ја зграпчил за вратот и ја стегал, продолжил со тупаници да ја удира по главата, нанесувајќи и телесни повреди изразени во вид на набиеници на главата и вратот“, се вели во соопштнието.
Судската статистика за минатата година покажува дека од вкупно 120 предмети кои се однесуваат на кривичните дела „нанесување телесна повреда при вршење семејно насилство“ и „загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство“, 28 завршиле со откажување од постапката, 32 со затворска казна, 45 со условна казна, а останатите со условна казна во која следува или заштитен надзор или психијатриско лекување.