Иран ја ослободи добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади од затвор на три недели поради здравствени причини, објави нејзиниот адвокат на социјалните мрежи.
„По совет на докторот кој ја прегледал, јавниот обвинител и ја суспендираше затворската казна на Наргес Мохамади на три недели и таа беше ослободена од затвор“, изјави Мостафа Нили на платформата X.
Семејството и поддржувачите на Мохамади побараа нејзино безусловно ослободување и велат дека тринеделниот затвор е несоодветен.
„Суспендирањето на казната на Наргес Мохамади од 21 ден е несоодветно. Бараме итно и безусловно ослободување на Наргес Мохамади или барем продолжување на нејзиното отсуство за три месеци“, се вели во соопштението.
Извори за Радио Фарда (ирански сервис на РСЕ) потврдија дека 52-годишната Мохамади е ослободена од затвор.
Иранските власти дозволија Мохамади да биде хоспитализирана на крајот на октомври, речиси два месеци откако таа се разболе.
Таа ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година, додека беше во затвор, „за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за унапредување на правата и слободите на сите“.
Мохамади боледува од срцеви заболувања, а според медицинскиот извештај издаден во септември, главната артерија на срцето е во многу лоша состојба.
Таа беше во озлогласениот ирански затвор Евин, во кој се сместени политички затвореници.
Дополнителни 15 месеци беа додадени на нејзината претходна затворска казна од 30 месеци во јануари. На 26 октомври, иранските власти ја осудија на дополнителна казна од шест месеци, откако таа организираше протест против егзекуцијата на друг политички затвореник на 6 август, во женскиот оддел во затворот Евин.
Мохамади е 19-та жена што ја добила Нобеловата награда за мир и втора Иранка, по активистката за човекови права Ширин Ебади која ја доби Нобеловата награда во 2003 година.