Кандидатите за амбасадори мора да бидат „сослушани“ во Собранието, е заклучокот кој го донела парламентарната Законодавно-правна комисија на седница одржана денеска, 2 декември.
Ова собраниско тело, ваквиот став го донесе откако пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, поднесе барање за автентично толкување на Законот за надворешни работи.
„Одредбата од ставот 3 на членот 39 треба да се толкува така што презентирањето на своите согледувања на кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или меѓународната организација, пред надлежното работно тело на Собранието, за надворешна политика е законска обврска, без којашто не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот“, гласи автентичното толкување усвоено од Законодавно-правната комисија.
Во овој контекст, на денешната седница на Комисијата помина автентично толкување на уште еден дел од законот (став 3, член 45) кој се однесува на постапката за отповикување амбасадорите. Според усвоеното автентично толкување, таква иницијатива може да покрене и Владата, на барање на министерот за надворешни работи.
Овие автентични толкувања сега ќе треба да бидат усвоени на пленарна седница, што потоа би го отворило патот да бидат вратени амбасадорите што минатата власт предводена од СДСМ и ДУИ ги испрати на мисија прескокнувајќи го нивното „сослушување“ во Собранието.
Како што претходно за Радио Слободна Европа изјави пратеникот Стојаноски, доколку собранискиот пленум усвои вакво автентично толкување тие потоа како пратеници би побарале Министерство за надворешни работи (МНР) да ги отповика тие амбасадори.
РСЕ претходно побара одговори од Министерството и колку од актуелните амбасадори се испратени во мисија без да ги бранат тезите пред пратениците, но информација оттаму не добивме.
Неофицијално, станува збор за безмалку десетина амбасадори.
Бранењето на тезите од страна на амбасадорите пред пратениците претходната власт го прескокнуваше во неколку наврати во ситуации кога се соочуваше со блокада поради незакажување на седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна ВМРО-ДПМНЕ која како опозиција раководеше со ова тело. Претставниците на СДСМ и ДУИ беа на став дека „сослушувањето“ во парламентот не е задолжителен дел од процедурата.
Меѓу ваквите примери, беше случајот со амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска. За неа, како што сведочат и медиумските архиви, пет-шест месеци се чекаше да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика од страна на тогашниот претседател на ова тело Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во истиот период во септември 2022, без бранење на тезите во парламентот, за амбасадор во Белгија замина и дипломатот од кариера Методија Белевски.
Од кабинетот на тогашниот претседател Стево Пендаровски, кој ги потпиша указите, тврдеа дека нема прескокнување на законската процедура односно дека законската обврска на амбасадорите била завршена со претставувањето на тезите пред Колегиумот на Министерството за надворешни работи.
И поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во изјавите пред новинарите тврдеше дека тоа не е законска обврска туку повеќе да се покаже добра волја за инклузивност и вклучување на парламентот.