Најмалку осум лица, шест деца и двајца возрасни, загинаа кога мал брод со мигранти потона во близина на брегот на грчкиот остров Самос, објавија грчки официјални лица.
На карпестиот брег се пронајдени 36 преживеани, додека претходно биле спасени уште три лица. Националноста на луѓето во бродот не е позната, јави агенцијата АП.
Во спасувачката операција што уште е во тек, учествуваат патролен чамец, чамец за спасување, поморски брод, хеликоптер и копнени екипи.
Грчкиот министер за миграција, Никос Панајотопулос, го осуди инцидентот и вети построги мерки против организираните групи за криумчарење мигранти.
„Бродот во Самос, со загубата на осум невини животи, меѓу кои и шест деца, не исполнува со тага и гнев. Бескрупулозните криминалци кои тргуваат со човечки животи ќе се соочат со нашата решеност да го искорениме она што го прават“, изјави Панајотопулос.
Самос и другите острови во источниот дел на Егејското Море служат како клучни транзитни точки за мигрантите кои илегално влегуваат во Европската унија од блискиот турски брег.
Според Обединетите нации, повеќе од 54.000 луѓе илегално влегле во Грција по море или копно досега оваа година. Повеќето пристигнуваат со мали чамци од Турција, иако е зголемен бројот на медитеранските премини од Либија, кој е подолг и поризичен пат.
Во текот на 2023 година во Грција илегално пристигнале речиси 49.000 луѓе.