Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши министерот за здравство Вили Берош, кој беше уапсен на 15 ноември во рамките на операцијата на Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) поради сомневање за корупција, соопштено е во Загреб.
Во владиното соопштение се наведува дека до изборот на нов министер со министерството ќе раководи државниот секретар Ирена Хрстиќ.
УСКОК соопшти дека во Загреб и Скрадин се преземаат апсења и итни доказни дејствија против повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, а се осомничени дека сториле коруптивни кривични дела.
Хрватските медиуми јавуваат дека рано на 15 ноември истражителите упаднале во куќата на министерот Берош од Хрватската демократска заедница (ХДЗ), како и кај неколку други високопозиционирани лекари.
Спорна е набавката на двојни микроскопи за неврохирургија, кои биле преплатени.
Некои медиуми објавија дека меѓу уапсените е и Крешимир Ротим, шеф на Клиниката за неврохирургија на КБ „Сестри на милосрдието“, јавуваат хрватските медиуми.
Берош е вториот министер во владата на Пленковиќ кој беше уапсен додека беше на функцијата. Пред него, во 2022 година, беше уапсен тогашниот министер Дарко Хорват под сомнение дека незаконски давал државни стимулации, а во таа истрага беше опфатен и тогашниот вицепремиер Борис Милошевиќ, како и некои други функционери.