Грузиската опозиција најави нови демонстрации на 5 ноември во знак на протест против резултатите од парламентарните избори на 26 октомври на кои победи владејачката партија Грузиски сон. Опозицијата обвинува за широко распространето лажирање на гласови и нерегуларности на избирачките места.
Протестот е најавен за 15 часот по локално време пред Апелацискиот суд во Тбилиси и доаѓа откако илјадници демонстрираа во главниот град втора ноќ по ред на 4 ноември барајќи нови избори.
Апелациониот суд на Грузија треба да ги разгледа одлуките на локалните судови во градовите Тетрицкаро и Гори во врска со неправилностите за време на гласањето на 26 октомври.
Судот во Тетрицкаро ги поништи изборните резултати на 30 избирачки места поради нарушување на тајноста на гласањето, додека судот во Гори нареди пребројување на неважечките ливчиња од 15 избирачки места.
Во Тецикаро, судијата Владимир Кучуа пресуди во корист на жалбата поднесена од граѓанската група наречена Здружение на млади правници, одлучувајќи да го поништи резултатот на 30 избирачки места врз основа на доказите презентирани од групата.
Централната изборна комисија на Грузија ги оспори одлуките на двата суда, прогласувајќи ги за неосновани.
Партијата Грузиски сон, која важи за блиска до Русија, е на власт од 2012 година. Таа, според прелиминарните резултати, победи на изборите со речиси 54 отсто од гласовите.
Опозицијата и проевропската претседателка на земјата, Саломе Зурабишвили, одбија да ја признаат валидноста на резултатите, обвинувајќи за масовна измама и руско мешање.
На митингот на 4 ноември, лидерите на опозицијата повикаа на континуирани протести и граѓански отпор до поништување на изборните резултати и распишување нови избори.
Илјадниците учесници на митингот, во кој беше вклучена и шведската активистка за климата, Грета Тунберг, се собраа во близина на Домот на правдата и маршираа околу 5 километри веејќи грузиски и знамиња на Европската Унија низ главниот град на Грузија, пред да го завршат својот протест на плоштадот Марјанишвили во Тбилиси.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека Соединетите Држави јасно ставиле до знаење дека го поддржуваат народот на Грузија и нивните надежи за пристапување во Европската Унија.