Првиот кластер од преговорите на Албанија со Европската Унија кој денеска беше отворен на втората меѓувладина конференција што на 15 октомври се одржа во Луксембург е кластерот „Темелни вредности“ во кој се содржат неколку преговарачки поглавја.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека слави за Тирана, но жали за Скопје. Албанија и Северна Македонија заеднички ги започнаа преговорите на 19 јули 2022 година во Брисел. Скопје и Тирана беа ставени во ист политички пакет за преговори со ЕУ, но откако Северна Македонија не ги изгласа уставните измени кои беа услов за одржување на втората меѓувладина конференција, пред две недели ЕУ донесе одлука за Тирана сама да продолжи со преговорите.
„Јас морам да кажам дека се чувствувам тажно, и искрено го кажувам тоа, поради фактот што нашата братска држава Северна Македонија, која што уште не може да влезе во оваа фаза, додека тие беа меѓу првите, или пак и првите кои што го започнаа процесот. Кога зборувам за нашите понижувања, три пати по ред бевме одбивани пред да ги започнеме пристапните преговори, се чувствувам посрамен, затоа што помислувам на Северна Македонија и за нивното посрамување, тие дури го сменија и името за да можат да го започнат ова“, изјави Рама.
Рама изјави дека ЕУ не може без Западен Балкан, исто како што Балканот не може без ЕУ. Тој додаде дека секој чекор на успех што ќе го направи Албанија треба да се гледа како чекор напред за целиот Балкан.
„Ќе ја направиме Албанија подготвена за Европската унија до 2030 година“, изјави Рама.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сиарто, како претседавач со ЕУ, изјави дека Албанија го заслужува стартот на преговорите. Тој додаде дека и Скопје го заслужува истото и дека поддршката на Унгарија нема тука да застане.
„Мораме да сфатиме дека оваа политика го загуби кредибилитетот во последно време, со оглед на фактот дека просечното време на чекање на членство на земјите кандидати од Западниот Балкан сега надмина 15 години. Тоа е едноставно несоодветно, мораме да го забрзаме процесот на проширување, рече Сијарто, потсетувајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е еден од главните приоритети на унгарското претседателство со Унијата“, изјави тој на заедничката прес конференција.
Според еврокомесарот за профишривање Оливер Вархеји, денешниот старт на преговорите со Албанија по првиот кластер „Основи вредности“ можеби звучи како техничка работи, сепак тој го отвора патот за суштински разговори за условите под кои Албанија ќе стане членка на Европската Унија.
Кластерот „Темелни вредности“ опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери. Преговорите по овој кластер се отвораат први, а се затвораат последни.
Албанија е прва меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги води пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување на Унијата усвоена во 2020 година.