Принцезата Марта Луиз, ќерката на норвешкиот крал Харалд, денеска изјави дека повеќе нема официјално да го претставува норвешкото кралско семејство по „многу прашања поврзани со мене и улогата на мојот вереник“.
51-годишната принцеза, која е четврта во редот за норвешкиот трон, се вери во јуни со Дурек Верет, Американец кој на својата веб-страница се опишува себеси како шаман и исцелител.
„Одлучив дека во моментов повеќе нема да извршувам службени должности за кралското семејство“, рече таа во соопштението објавено од палатата, додавајќи дека одлуката е донесена во координација со нејзините родители „да се создаде мир околу кралско семејство“.
Принцезата ќе ја задржи титулата, но палатата соопшти дека ги известила организациите каде што сè уште има улога на покровител дека се откажува од улогата.
Нејзиниот помлад брат, престолонаследникот Хакон (49) е наследник на тронот.
„Жал ми е што принцезата повеќе нема да ја претставува кралската куќа“, рече Харалд за време на прес-конференцијата за ова прашање. 82-годишниот крал рече дека „се согласуваме да не се согласуваме“.
„Го разгледавме овој процес од сите страни. Ова беше едногласна одлука “, додаде неговата сопруга, кралицата Соња.
Во соопштението на палатата се вели дека двојката „ќе ја разјасни разликата меѓу нивните сопствени активности и кралското семејство“ и нема да ја користи титулата принцеза ниту да се однесува на кралското семејство во социјалните медиуми или комерцијалните активности.
Норвешките медиуми ги обвинија Марта Луиз и нејзиниот вереник Верет дека наводно ја користеле нејзината кралска титула за комерцијална корист, заедно со промовирање на алтернативни методи на здравствена заштита.
На Инстаграм, Марта Луиз напиша „Верувам дека алтернативните методи можат да бидат важен додаток на воспоставената медицина“.
Верет кој има 47 години, нема да има титула или да ја претставува норвешката кралска куќа кога тој и Марта Луиз ќе се венчаат, се вели во соопштението. Парот, кој е заедно од мај 2019 година, според норвешките медиуми, ќе присуствува на пригоди поврзани со семејството и традиционални кралски настани.