Денеска нема да се одржи закажаната собраниска седница на која пратениците требаше да им поставуваат прашања на членовите на Владата на Зоран Заев, кој вчера ја достави до парламентот премиерската оставка, соопшти на брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Каква придобивка ќе има од таква седница кога Владата е во оставка. Таа технички ги извршува должностите, но само технички. Нема законска одредба која го спречува одржувањето на седницата, но има воспоставена пракса за влада во оставка да нема пратенички прашања. Исто како што нема седници пред изборна кампања пред локални избори, не затоа што така вика некој закон, туку зстоа што тоа е пракс“, рече Џафери на брифингот со новинарите.
Оставката на Заев на пленарна седница на Собранието
Тој додаде дека за оставката на премиерот Зоран Заев веќе е известен шефот на државата и пратениците, Владата е во оставка и течат уставните рокови за избор на нова Влада. Џафери оставката на Заев ќе ја констатира пред почетокот на закажаната седница за пратенички прашања.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјаноска, вчера изјави дека е крајно невообичаено на седница за пратенички прашања да се констатира оставка и да им се оневозможи на пратениците да им поставуваат прашања на министрите.