Министерството за надворешни работи вечерва го осуди сквернавењето на спомен-плочата во Охрид на загинатите бугарски туристи во бродската несреќа во Охрид. Информира дека споменикот е вратен во првобитната состојба и оти станува збор за изолиран случај, што не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните.
Графити врз спомен-плочата за загинатите бугарски туристи во Охрид, реагира бугарската амбасада
Во оваа прилика, се дополнува во соопштението, сакаме да потенцираме дека се работи за изолиран случај, кој не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните.
Претходно, како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарското Министерството за надворешни работи објави дека длабоко жали за повторениот чин на сквернавење на спомен плочата на 15-те бугарски туристи и побараа од македонските власти да преземат брза акција за откривање на сторителите.
На спомен плочата поставена пред паметникот на бугарските туристи кои трагично настрадаа во бродската несреќа на Охридското Езеро од страна на непознати сторители беа испишани графити. Споменикот што се наоѓа во неспоредна близина на Студенчишкиот канал беше откриен минатата година, на 11-годишнината од бродската несреќа во која загинаа 15 туристи од Бугарија.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“. Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.