Пожарот од Пехчевскиот регион е префрлен кон Беровско и во моментот гори борова шума над селото Будинарци. Селото е добро обезбедено со тампон зона и соодветна механизација и опрема, соопшти вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Пред малку ветрот кој дува со променлива јачина, го смени правецот и сега огнот почна да се оддалечува од селото. Покрај локалното население во обезбедувањето на селото учествуваат и пожарникари со цистерни од локалната самоуправа, а во непосредна близина на селото се наоѓаат и 45 австриски пожарникари со девет цистерни, како и дополнителна опрема и луѓе од Национални шуми. Во целиот овој регион се концентрирани уште многу сили, а попладнево дејствуваа и три хеликоптери кои рано наутро ќе продолжат со гаснење на пожарот“, напиша Ангелов на Фејсбук.
Пожарот кај Пехчево може да се прошири и кон Бугарија
Министерството за одбрана соопшти дека по писмено барање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска до нејзиниот романски колега Николае Јонел Чука за итна помош во справувањето со пожарите, Романија донесе одлука да испрати авион за гаснење на пожари со поголем капацитет.
На Македонија во гаснењето пожари и помагаат пожарникарски екипи на Србија, Бугарија, Словенија и Австрија.
Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, вечерва ги посети припадниците на Армијата кои помагаат во гаснењето пожари во село во Тработивиште, делчевско, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја во државата.
„Армијата беше практично ударната тупаница на здружените напори на различните институции во Република Северна Македонија, меѓутоа морам да кажам и да се заблагодарам и на државите кои ни помогнаа во тие заеднички напори“, рече претседателот Пендаровски.
Пендаровски рече дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.