Бројот на загинати под остатоците од урнатиот дел на 12 катна станбена зграда во северниот дел од Мајами порасна на 4 лица. Но, се уште 160 се водат како исчезнати. Пријавени се единаесет повредени, при што четири лица биле лекувани во болници.
Втор ден спасувачите трагаат по преживеани луѓе кои останеле заробени под остатоците од урнатиот дел на 12 катна станбена зграда во северниот дел од Мајами. Сликите од Сурфсајд, северно од Мајами Бич, покажуваат огромен куп урнатини од станбена зграда.Минатата ноќ, стотици спасувачи користели сонари и специјално истренирани кучиња, кои ги пребарувале остатоците, трагајќи по преживеани.
Градоначалничката на Мајами. Даниела Левин Кава денеска изјави дека спасувачите се изложени на „екстремен ризик“ минувајќи низ урнатините.
"Остатоци од урнатините паѓаат врз нив додека ја завршуваат својата работа. Имаме градежни инженери на лице место за да се осигураме дека нема да бидат повредени, но тие продолжуваат бидејќи се силно мотивирани да спасат живот плус и преземаат вонреден ризик на локацијата", изјави таа.
Се урна повеќекатница во Флорида
Што го предизвикало урнувањето на дел од станбената зграда, изградена пред 40 години, засега останува нејасно. Досега 102 жители на зградата се лоцирани, но не е сигурно колку од нив биле во своите станови, кога се случи катастрофата. Околу 40 луѓе биле извлечени во првите неколку часа по уривањето на зградата.
Претседателот на САД, Џо Бајден одобри прогласување вонредна состојба за Флорида, што значи дека тимови од федералната агенција за справување со вонредни состојби, ФЕМА, ќе им помогнат на локалните спасувачи.