Ново пролонгирање на рокот за изградба на автопатот Кичево- Охрид. Директорот на Јавнот претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми изјави дека во завршна фаза се преговорите со изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31 декември 2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид.
Тој во интервју за новинската агенција МИА вели дека причината била изработка на дополнителна проектна документација за завршување на проектот. Во оваа фаза била изработена анализа за крајниот рок на завршување на работите која се темели на три аспекти и тоа: зголемен обем на работите, реализација на преостанати финансиски средства и решавање на дополнителната експропријација произлезена од дополнителната проектна документација.
„Вкупниот прогрес на градежните работи по основниот договор изнесува 90 проценти, а 62 проценти според основниот договор и анекс договорот, “изјави Рустеми.
Изградбата на автопатот во должина од 57 километри почна во 2014, а по проблемите кои настанаа на трасата првичниот рок за завршување предвиден за 2018 година, со анекс на договорот беше пролонгиран за крајот на месецов.
Во однос на одлуката на Владата за ослободување од плаќање патарина за возила на српски туристи за време на летната сезона, М-Смарт картичките во предвидената количина од 200.000 парчиња веќе се изработуваат, вели Рустеми.
Оваа одлука треба да стапи во сила на 15 -ти јуни и е донесена во знак на благодарност за вакцините што ги донираше Србија за државава.
„На сите кабини на наплатните станици од Коридор 10, има читачи на електронски М-Смарт картички, видно обележани со портокалова рамка и доволно е само да се доближи картичката за да се изврши отчитување и со тоа и да се наплати патарина со одземање средства од картичката. Сумата која е ставена како припејд кредит е пресметана сума за патарина за 1Б категорија (патнички возила) за наплатните станици од Куманово (Романовце) до Гевгелија во висина од 760 денари, надомест за патарина во двата правци. Но, со оглед на тоа дека електронската картичка М-Смарт Кард чини 100 денари, вкупната сума за изработка на картичка чини 860 денари. Веќе изработените М-Смарт картички ЈПДП ќе ги предаде на Министерството за внатрешни работи кои потоа ќе ги распредели на возила со српски туристи кои ќе поминат на ГП Табановце“, вели Рустеми.