Најмалку седум мировници на Синај загинаа во пад на хеликоптер
Загинатите, меѓу кои петмина Американци и по еден Французин и Чех, биле членови на меѓународните сили кои го надгледуваат спроведувањето на мировниот договор меѓу Израел и Египет. Еден преживеан е пренесен во болница во Израел.
Израел, заедно со Египет и САД, е еден од основачите на таа независна мисија, која не е поврзана со ОН.
Со израелско-египетскиот мировен договор од 1979 предвидена е демилитаризација на Синај, каде што Мултинационалните сили и набљудувачи се наоѓаат од почетокот на 80-тите години од минатиот век.
Над 1100 војници од 13 различни земји, а најмногу од САД, се распоредени на Синај, каде што делуваат разни вооружени групи, меѓу кои и локален огранок на Исламската држава.