Министерството за здравство денеска соопшти дека ќе бара финансии за трајно вработување на младите здравствени работници, кои по добивањето лиценца за работа покажале интерес да бидат дел од тимовите на инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со Ковид-19.
„Отворивме перспективи секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство и веднаш по добивањето лиценца да добие можност за работа со пациенти. Поголем дел од младите лекари кои добија лиценца за работа во јули годинава покажаа интерес да бидат дел од тимовите во инфективните одделенија и клиники за третман на пациенти со ковид-19, а паралелно на сето тоа почнуваме и процес на обезбедување финансии за нивно трајно вработување“, стои во соопштението од МЗ.
Оттаму велат дека младите лекари им се главен фокус и дека во изминатиот период се одобрени илјада специјализации и супспецијализации, а дадена е согласност за пет илјади вработувања во здравствениот систем.
Медицинските лица преморени и во страв од закани и напади
АИ: Заштитете ги здравствените работници
„Согласно измената на Законот за здравствена заштита, од јануари минатата година, секој дипломиран доктор на медицина, кој се стекнал со лиценца, веднаш почнува со шестмесечна пракса, која првпат му е платена со 30.000 денари месечно. Работата во траење од шест месеци се спроведува во јавните здравствени установи, како што се здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа. Во континуитет се спроведуваат и други активности за мотивирање на помладиот здравствен кадар“, се вели во соопштението на МЗ.