Американскиот заменик државен секретар Џон Саливан, на вчерашната средба со претседателот Ѓорге Иванов, ја повторил поддршката на САД за Преспанскиот договор, информира денеска американскиот Стејт департмент.
„Двајцата исто така се согласија за потребата за спроведување на клучните реформи што ги бараат НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и клучните реформи во судството“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Од Кабинетот на претседателот вчера соопштија дека Иванов на средбата истакнал дека европските и евроатлантските интеграции остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија.
„Секогаш сум бил силен и гласен поддржувач на стратешките приоритети на Македонија, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Но, членството во ЕУ и НАТО не смее да се злоупотребува за прифаќање на договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, отколку што се затвораат“, истакна на средбата претседателот Иванов, информираат од Кабинетот.
Македонскиот претседател потенцирал дека Република Македонија останува стратешки партнер на САД и изрази благодарност за целокупната поддршка и помош во модернизацијата и едукацијата на Армијата на Република Македонија, со цел постигнување на НАТО стандардите.