Собраниската Комисија за уставни прашања доцна попладнево со девет гласа „за“, пет „против“ и ниту еден „воздржан“ го поддржа четвртиот амандман на Уставот што произлезе од потребата за имплементација на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција. Со усвојување на овој амандман Комисијата ја заврши расправата по четирите предложени нацрт-амандмани.
Со нацрт-четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Претходните денови Комисијата усвои три амандмани на Уставот. Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект, со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор, а со третиот се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави.
Расправата по амандманите во Комисијата почна на 7 ноември и беше предвидено да трае 12 дена. Пленарната седница на која треба да се разгледаат нацрт-амандманите е закажана за 1 декември.
Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас. По усвојувањето на амандманите во Собранието ќе биде организирана јавна дискусија, по што Владата ги изготвува предлог-амандманите и повторно ги доставува до Собранието кое треба да ги донесе со двотретинско мнозинство или за нив ќе треба да гласаат најмалку 80 пратеници. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.