Припадниците на Движењето против уставните промени „Македонија Блокира“ достави протестни писма до пратениците на опозицијата кои гласаа за отворањето на прашањето за уставни измени.
Тие вечерва ги посетија домовите на охридските пратеници Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на кои им го предадоа писмото во кое се апелира од нив како народни избраници да ја почитуваат волјата на граѓаните на Македонија, кои според нив, го кажале својот став по уставните измени со неизлегувањето на Референдумот.
Тие бараат од пратениците да го сменат својот став на второто изјаснување во Собранието кога ќе има потреба од двотретинско мнозинство.
Пратеникот Василевски на припадниците на „Македонија Блокира“ пред неговиот дом им укажа дека писмото го доставуваат на погрешна адреса, односно дека тоа треба да се испрати до неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
-Како пратеник од Охрид сакам само да кажам дека треба да имате верба…Работата е премногу сериозна и јасна, ова се притисоци што не можат да поминат. Ова писмо е задоцнето, а и треба да се однесе на адреса на мојата матична партија, каде не преземаат никакви активности за релаксирање на состојбите, рече Василевски нагласувајќи дека зеленото копче го притиснал без притисок, со цел еднаш засекогаш да бидат ставени зад врата „лажните патриотизми и национализми“, јавува МИА.
Василевски уште истакна дека негово убедување е дека Република Македонија нема алтернатива на членството во НАТО и во ЕУ, оттаму и неговото изјаснување во таа насока.