Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Врховниот командант на НАТО силите за Европа и командантот на Командата на американските сили во Европа, генералот Куртис Скапароти.
Двајцата соговорници, истакнале дека членството во НАТО овозможува перспективна иднина за Македонија и се согласиле дека ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот и на поширокиот регион, соопштија од владината прес-служба.
Генералот Скапароти на премиерот Заев му упатил пофални зборови за припадниците на АРМ, оценувајќи дека покажале голема подготвеност и дисциплина соодветна на НАТО стандардите и процедурите.
Пренесувајќи ја силната поддршка од Алијансата, генералот Скапароти искажал отвореност за соработка и помош, доколку на Македонија во наредниот период и е потребна, за усогласување на неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО.