За сите отворени прашања во рамките на преговорите ќе разговараат Никола Димитров и Никос Коѕијас, изјави портпаролот на грчката Влада во однос на тоа што ќе се најде на масата разговори на двајцата министри за надворешни работи на нивната следна средба, јавува дописникот на МИА од Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање, на вчерашниот брифинг, во врска со ставот на грчкиот претседател и други политичари во Грција дека се неопходни и измени во македонскиот Устав, Димитрис Ѕанакопулос, потенцира дека е потребна промена на уставното име, но и ревизија на евентуални одредби во Уставот кои алудираат на иредентизам.
„Сакаме сложено име кое што ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба. За да важи за сите, предуслов е промена на уставното име на соседот. Без промена на уставното име на соседот, не може да биде исполнет предусловот да важи за сите. Промена на уставното име за да биде правно исправно, бара и промени на Уставот на соседната земја, вели Димитрис Ѕанакопулос, а на прашањето дали тоа се однесува само на името, одговара дека тоа е нешто за кое ќе се разговара во рамките на преговорите, но и дека „ако постојат одредби во Уставот на соседната земја, кои би можеле да упатуваат на иредентизам, ќе треба и тие да се ревидираат“.