Стотици странски борци се во редовите на сириските милитанти кои ја презедоа власта и го соборија долгогодишниот претседател Башар ал Асад, дознава Радио Слободна Европа.
Видеата објавени на социјалните мрежи и потврдени од РСЕ покажуваат како Европејци и Централноазијци се борат за Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) за време на лесното преземање на Сирија од страна на милитантната група овој месец. Хајат Тахрир ал-Шам е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.
Странците сочинуваат само дел од вкупната борбена сила на проценетите 10 000 војници на ХТШ и сојузничките групи. Но, присуството на закоравени и радикализирани странски борци се смета за ризик за стабилноста на Сирија и безбедносна закана во нивните татковини.
„Ова ќе биде една од најголемите грижи од перспектива на САД, бидејќи тие не се домородни Сиријци. САД веројатно се малку загрижени за Сиријците во ХТШ“, рече Арон Зелин, виш соработник на Институтот во Вашингтон.
ХТШ претходно била поврзана со Ал Каеда. Милитантната исламистичка група вети толеранција и инклузивност, иако загриженоста за нејзините наводни прекршувања на правата и врските со терористичките групи, останува.
„Тоа беше самоубиство“
На едно видео потврдено од РСЕ се гледа како борец на албански јазик стои пред Цитаделата Алепо, во вториот по големина град во Сирија. Видеото е снимено на 30 ноември, денот кога ХТШ го зазеде северозападниот град.
Во видеото, неидентификуваниот маж вели дека милитантите се борат за да го „отстранат угнетувањето“ во Сирија, повикувајќи се на бруталното владеење на Асад. Тој го опиша заземањето на Алепо како „голема победа“.
Човекот е виден со ознаки на „Albanian Tactical“- единица на „Џемати Албан“, која се смета за подгрупа на ХТШ и составена од етнички Албанци претежно од Албанија, Косово и Северна Македонија.
„Тоа е добро структурирана исламистичка џихадистичка група која работи под чадорот на ХТШ“, рече Адријан Штуни, експерт за безбедност и радикализација од Вашингтон.
„Albanian Tactical“ се фокусира на специфични воени вештини, вклучително и обука за снајпер и експлозиви, а исто така обезбедува обука за други борци.
По избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, стотици етнички Албанци се собраа во Сирија за да се приклучат на екстремистичката група Исламска држава (ИД) и Фронтот Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда. Фронтот Нусра подоцна беше преименуван во ХТШ.
Меѓу нив беше и еден етнички Албанец од Северна Македонија, кој се бореше во Сирија четири години до 2020 година, а потоа се врати во Европа.
Бев млад, а бевме измамени од видео снимките на Интернет, рече мажот, кој сакаше да остане анонимен од безбедносни причини.
„Потоа, стапивме во контакт со некои луѓе од Турција и заминавме за Сирија“, додава мажот, кој не ја откри групата во која се приклучил.
"Тоа беше самоубиство. Едвај успеавме да избегаме. Се обидувам да заборавам на се и да живеам нормален живот".
Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија соопшти дека најмалку четворица граѓани активно се борат за вооружени групи во Сирија и соседен Ирак.
Албанија проценува дека околу 30 нејзини граѓани моментално се во Сирија.
Радикализирани странци
Ева Думани имала 8 години кога нејзиниот татко Шкелзен ја одвел во Сирија во 2013 година и се приклучил на ИД.
Не е познато каде се наоѓа Ева, која сега има 21 година, иако сирачињата и вдовиците на милитантите на ИД често се држат во кампови од ривалски групи.
Џетан Ндреѓони, вујкото на Ева, рече дека тој зборува со својата внука повремено, „иако таа не сака да го открие точното место на живеење или ситуацијата“.
„Имаше неколку пати кога сакав да одам во Сирија и да ја вратам назад, но не знам дали е под притисок, не сака да замине или е радикализирана“, вели вујкото на Ева.
Друг Европеец кој дошол да се бори во Сирија е 35-годишен маж од Босна и Херцеговина.
Мажот, кој живее во Сирија од 2013 година, е меѓу неколкуте десетици Босанци за кои се верува дека живеат во Сирија.
Говорејќи под услов да остане анонимен од безбедносни причини, тој се опиша себеси како поранешен „хипик“ кој се сврте кон салафизмот, ултрарадикална секта под сунитскиот ислам.
Тој рече дека се преселил во Сирија за да се бори против владата на Асад и да помогне во „ослободувањето на народот на Сирија“.
„Бев во неколку групи“, рече тој, без да прецизира во кои.
Мажот рече дека се откажал од борбите во 2018 година, се оженил со локална жена и преминал во цивилен живот во северозападната провинција Идлиб, упориште на ХТШ.
Многу Европејци кои им се приклучија на вооружените групи во Сирија беа радикализирани преку Интернет или намамени од локални регрутери. Други беа мотивирани од религиозните верувања и идејата за џихад, или света војна. Некои беа привлечени од парите понудени од милитантните групи.
„Голема неволја“
Друго видео потврдено од РСЕ покажа десетици вооружени мажи во воени униформи во сириското село Деир Семаан, место каде што има христијански манастир и се наоѓа на околу 30 километри северозападно од Алепо.
Еден од мажите на видеото е борец кој зборува таџикистански и тврди дека групата ја освоила областа од „неверниците“. Снимката е снимена на 3 декември.
Не е јасно на која група припаѓа борецот што зборува таџикистански. Но, неколку помали милитантни групи во сојуз со ХТШ се состојат од борци од Таџикистан, Узбекистан и Киргистан, вклучувајќи ги Катибат ал Имам ал-Бухари и Туркистанската бригада.
Таџикистански безбедносен функционер, кој сакаше да остане анонимен, бидејќи не е овластен да зборува со медиумите, рече дека снимката на Таџикинците во Сирија е „длабоко вознемирувачка“ и потенцијална „темпирана бомба“.
„Видеата уште еднаш не потсетуваат дека овие поединци можат еден ден да се вратат во Таџикистан и да направат големи проблеми овде“, рече службеникот.
Се верува дека меѓу речиси четиристотините Таџикистанци во Сирија се и браќата Анвар Исомидинов и Мухамедџон Исомидинов, и двајцата на возраст од 30 години. Од селото Чордех во северен Таџикистан, тие заминале во Сирија во 2014 година.
Роднина на мажите, кој сакаше да остане анонимен од безбедносни причини, рече дека семејството изгубило контакт со нив пред неколку години.
„Последниот пат кога семејството разговараше со Анвар и Мухамедџон, тие ги молеа браќата да се вратат“, рече роднината.
„Но, тие го прекинаа разговорот и никогаш повеќе не се јавија“, додава тој.
Во соработка со Мумин Ахмади во Прага, Махмуџон Рахматзода во Таџикистан, Јетмира Делија во Албанија, Енис Шаќири во Северна Македонија и Артон Конушевци во Косово