Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ истакна дека се потребни помалку емоции, а повеќе факти и заеднички активности во градењето добрососедски односи.
Тој говореше непосредно по излагањето на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски кој се осврна на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Маричиќ притоа посочи дека се уште не сме ја извлекле лекцијата дека сите несреќи на Балканот во последните 30 години произлегуваат од неприфаќање на две вистини, дека и Втората светска војна и Студената војна се завршени пред десетици години.
Политичката нестабилност во Бугарија, контрапродуктивна и за Македонија
„Тоа е оптоварување од двете страни на границата. И битката не е ниту национална, ниту етничка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Туку е битката меѓу оние сили што сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство и со заедничка европска иднина, како што сме денес сојузници во НАТО, и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, зависно од потребата помеѓу нашите два народи, нашите две држави кои се соседни и многу блиски, и кои е природно да бидат блиски“, рече Маричиќ.
Вицепремиерот, како што информираше неговиот Кабинет, посочи дека добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка се високо на агендата на Владата што според него, е од заеднички интерес и на Макеоднија и на Бугарија.
Мицкоски повика на масовен протест против бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“
Додаде дека останува посветеноста на добра волја да се спроведуваат билатералните договори и дополнително да се зајакнуваат добрососедските односи со што помалку емоции, а со што повеќе факти и заеднички активности.
На обвинувањата од европратеникот Џамбаски за сепаратизам од страна на Северна Македонија, Маричиќ одговори дека ние сме држава членка на НАТО, докажан партнер, земја која нема на ниту еден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив, дека добрососедските односи ни се постојана тема.
„Дури и нашите граѓани во еден дел сметаат дека единствена тема на европските интеграции се добрососедските односи и дека европските интеграции постојат за да им удоволиме нешто на сите соседи. Знаеме дека не е така, но таква е перцепцијата,“ рече Маричиќ во Европскиот Парламент пред европратениците и повика на соработка и на работа од двете страни на границата.
Денеска во Стразбур продолжува вториот ден од седницата на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, со важни точки на дневен ред за развивање дебата, како енергетската криза и животна средина, добрососедските односи и регионалната соработка и Извештајот на Дијалогот „Жан Моне“.