Дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска на прес-конференција во врска со случајот со угостителскиот објект на „Бомската улица“ во Скопје, најави дека ќе бидат поднесени кривични пријави за сите инволвирани лица во случајот, како и за правното лице во кој било попречено извршување на инспекција.
„При обидот да се изврши надзор во угостителскиот објект Чардак, од страна на вработени во внатрешниот дел на објектот на инспекторите не им било дозволено со образложение дека немаат клуч од тој дел. Кога инспекторите се оддалечиле од објектот и преминале на другите објкети забележале дека токму од внатрешноста излегуваат неколу лица. Потоа тие се вратиле во објектот и инсистирале да им биде овозможено да се изврши надзорот согласно законските прописи“, истакна Петровска.
На 3 јуни раководителката на Одделението за инспекциски надзор Скопје Мери Продановска соопшти дека инспектори биле спречени да извршат контрола во угостителски објект на „Боемската улица“ во скопско Дебар Маало, како и дека додека инспекторите чекале да влезат, од објектот излегол претседател на политичка партија.
Лидер на политичка партија бил во кафеана во Дебар Маало, инспекторите спречени да извршат контрола
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ потоа на својот профил на Фејсбук потврди дека тој заедно со двајца познаници бил во ресторан во Дебар Маало, дека не бил доволно информиран за новите протоколи и дека е подготвен да плати парична казна за тоа.
Мицкоски: точно е дека бев во ресторан во Дебар Маало
Петровска наведе дека сите четири лица кои биле присутни таа вечер во објектот се идентификувани, според искази на очевидци, и дека едно од лицата е поранешен функционер во МВР и актуелен полициски службеник, заедно со уште еден полициски службеник.
Таа додаде дека во непосредна близина на објектот како и во самиот објект забележани биле полициски службеници, кои по опис на своите работни места не требало да бидат присутни таму.
„Овој случај говори за свеста и совеста на оние кои во време на пандемија ги прекршуваат мерките за заштита. Ова не е политички случај. Ова е настан во кој се сторени кривични дела и заради тоа по комплетирањето на доказите, ќе биде поднесена кривична пријава односно кривични пријави против сите кои тоа го сториле“, рече Петровска.