Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека 28 политички субјекти поднеле барање за учество на парламентарните избори на 9 февруари, а меѓу нив е и водечката српска политичка партија Српска листа.
Српска листа претходно најави дека ќе учествува на косовските избори. Инаку, пратениците на Српската листа, која од ноември 2022 година ги бојкотира седниците на Собранието на Косово, еднаш на шест месеци се појавуваат во Собранието за да го задржат мандатот и да обезбедат продолжување на нивните плати.
Според соопштението на ЦИК, меѓу 28-те политички субјекти пријавени за учество на изборите до официјалниот рок се 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
Меѓу политичките субјекти се и партиите од албанската, српската и другите помали заедници во Косово.
ЦИК мора да ги потврди списоците најдоцна до 25 декември.
Изборите на 9 февруари ќе бидат првите редовни парламентарни избори што ќе се одржат во Косово од неговото прогласување независност во 2008 година.
Опозициските партии долго време бараа предвремени избори, но на почетокот на годинава не успеаја да постигнат договор за тоа како да се одржат изборите.
На крајот на мај пропадна иницијативата на најголемата опозициска партија Демократската партија на Косово за распуштање на Собранието и одржување избори.
На оваа можност се спротивставија уште две опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, кои побараа владата предводена од Албин Курти да поднесе оставка или да биде сменета.
Сепак, на овие две барања се спротивстави движењето Самоопределување на Курти.