Во јавниот градски превоз од денеска (25 ноември) се вклучуваат и приватните превозници, но не со целиот капацитет. Во сообраќај, како што најавија во саботата, ќе се вклучат оние превозници кои имаат финансиски можности.
Автобусите на ЈСП - Скопје од петокот сообраќаат во редовните термини, но Владата во четвртокот им позајми нафта само за седум дена, за колку што треба да се реализира ургетната набавка преку Бирото за јавни набавки.
Приватните превозници апелираа до градоначалничката на Град Скопје, советниците и Владата на заеднички состанок да најдат заеднички прифатливо решение за нивното барање за зголемување на цената за изминат километар.
„Приватните превозници ќе го дадат својот максимум од понеделник односно ќе се вклучиме во раните утрински часови онолку колку што можеме, не со целиот капацитет со цел за неколку дена да им излеземе во пресрет на граѓаните во градот Скопје. Воедно, ја користиме оваа прилика да се обратиме до сите советници во Градот Скопје - Ве молиме со консензус да изгласате покачување на цената за изминат километар со цел подобрување на состојбата во јавниот градски превоз. Со покачена цена се обврзуваме да го обновиме нашиот возен парк со еколошки климатизирани автобуси“, изјави Јовица Зафировски во саботата.
Приватните превозници, според него, имаат 200 автобуси и можат да го покријат недостатокот на автобуси од ЈСП доколку се најде заеднички прифатливо решение со Градот.
Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше во четвртокот откако поради недостиг на нафта, поголем дел од автобусите на ЈСП останаа паркирани во нивните бази. Во сообраќај беа пуштени 25 автобуси кои работат на приорден гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта.
Вонредна седница одржа Владата на која беше донесена одлука да се интервенира со нафта од државните резерви со што автобусите имаат нафта за седум дена. Вонредна седница истиот ден одржа и Советот на Град Скопје на која беше поздравена одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и воедно, побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за набавка на нови електрични автобуси.