Иран на 29 ноември ќе разговара со три европски земји за својата спорна нуклеарна програма, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Денешната објава доаѓа неколку дена откако атомскиот надзор на ОН усвои резолуција против Техеран.
Иран реагираше на резолуцијата предложена од Британија, Франција, Германија и Соединетите држави, наводно со различни мерки како што се активирање на бројни нови и напредни центрифуги, машини кои збогатуваат ураниум.
Јапонската новинска агенција Кјодо, која прва објави дека состанокот ќе се одржи во Женева, наведе дека владата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бара решение за нуклеарниот ќорсокак, пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во јануари.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаи подоцна изјави дека замениците министри за надворешни работи на Иран и на трите европски земји ќе учествуваат во разговорите, кои, како што рече, ќе ги опфатат регионалните прашања, како и нуклеарното досие.